log in

Адаптирани за пребарувачите google.com; yahoo.com и сл.

Дора Попова: Социјална фобија-симптоми и причини за појавување

   (Колумната е преземена од весникот Народен лекар од 04.11.2015)

                       Секој човек барем еднаш во животот се почувствувал непријатно доколку се нашол во ситуација да го изрази својот став во врска со некоја тема пред друштво на ново запознаени луѓе или да зборува јавно пред публика,особено ако се работи за прво искуство. Меѓутоа социјалната фобија е нешто многу повеќе од обична трема или срам од изложување на себе во јавност пред непознати луѓе. Имено, таа претставува значаен и постојан страв од една или повеќе различни социјални ситуации и карактеристично е тоа што особата има чувство дека ќе биде исмеана, осудена или понижена од страна на другите луѓе. Како поттикнувачи може да бидат: запознавање на нови луѓе, јавен говор, нов состанок со личност од спротивниот пол, јадење и пиење на јавни места, одење во тоалет на јавни места, испит, изведба на сцена, зборување со важни личности или авторитети итн. Типичен симптом за социјалната фобија е насочување на вниманието кон сопствените активности. Личноста станува премногу концентрирана на своите телесни гестови, на начинот на кој зборува, на своите мисли и емоции. Притоа чувствува тешкотија да го насочи фокусот кон надворешните информации и доколку не е способна за свесна самоконтрола може да постане збунета и неспретна, а со тоа се појавува пелтечење, блокирање на мислите, заборавање итн. Како последица се јавуваат и физички симптоми како тресење и потење на дланките, зацрвенување на лицето, срцебиење, треперење во гласот итн. Исто така се појавуваат и чести автоматски мисли. Некои од нив се: „Знам дека ќе изгледам како будала“, „Луѓето ќе мислат дека сум глупав/а“, „Мојот глас ќе почне да трепери“ итн.

Причините за појавување на социјалната фобија се различни, но обично датираат од раната возраст особено ако се работи за критичен период кој бил важен за развојот на личноста. Може да се работи за исмевање или задевање од страна на врсниците во училиштето, остри критики од наставниците или родителите, неприфаќање на креативниот потенцијал на личноста во социјалната средина и третирање како да е “чудна“, одбивање од особа од спротивниот пол или отфрлање итн. Сите наведени причини доведуваат до намалено себепочитување кај личноста и таа чувствува страв дека другите ќе го откријат тоа кај неа.

Насоки за справување со социјалната фобија

Од клучна важност е свесноста за социјалната фобија, причините во развојот на личноста за нејзиното појавување и социјалните ситуации кога таа се јавува. Доколку страдате од социјална фобија, кога следен пат ќе се појават симптомите не се обидувајте да ги избегнете по секоја цена. Напротив. Соочете се со автоматските мисли и предизвикајте ги. Постанете нивни посматрач и набљудувајте ги. Имајте во предвид дека тоа се само ваши мисли и како што вие ги креирате, може и да ги промените. Понатаму бидете свесни за вниманието и концентрацијата која ја насочувате кон себе и своите активности. Наместо тоа, обидете се да ја насочите кон надворешните информации. Пожелно е да посетите и психолог, доколку чувствувате дека не сте во можност да си помогнете самите.

Дора Попова,

-дипл. психолог и социотерапевт-                         Центар за применета психологија „Дора“

Тел. 075/310 781