log in

Адаптирани за пребарувачите google.com; yahoo.com и сл.

Gina Sherovska: Лолита. Набоков. Кјубрик.

Gina-SherovskaПред некој ден некаде прочитав:

Кој е полуд, Лолита, Набоков или Кјубрик?”

Пред се би сакала да земете една реченица в предвид. Мачката во Алиса во земјата на чудата за волја на вистината беше во право Сите ние тука сме луди. Секој на сопствен начин, со сопствено зло и свои лекарства.

            Активноста и интеракцијата на менталниот живот, Фројд ги дефинирал како: Ид, Его и Суперего. Но, би сакала тоа во сплет со некои други делови да се разгледа од поинаков агол, во некоја интересна комбинација.

Лолита – го застапува наивното и провокативното кај сите нас, и тоа не подразбирам во сексуално значење на термините, но доколу сакате можете да го перцепирате и од тој аспект. Пеколот кој што самите си го создаваме, тоа наше нужно зло. Не размислуваме за последиците односно да, размислуваме за нив, но ги ставаме како втора помалку битна мисла во нашиот ум. Доколку за момент помислите дека како магма може да избијат на површината како лава, вие се оградувате од таа опасност велејќи дека тоа е малку веројатно да се случи.

Набоков – или подобро да пишам Хамлет “To be or not to be?”. Но, сепак ќе се задржам на рускиот писател. Замислено, ама не реализирано. Пациент кој сака да постане доктор. Потрага преточена во букви искуцани на стара машина за пишување. Ние сме тие. Затворени сами во себе, како животно затворено во кафез и чувар, во исто време. Кој од кого да биде претпазлив? Додека во нас надоаѓа поплава...бура! Бура од зборови, емоции и што уште не. Но, доколу се изјаснеме, дали ќе можеме потоа да се чувстуваме ослободени од сопствените внатрешни стеги? Или ќе продолжиме да молчиме и чекаме (не)мирно да настане хаварија?

Кјубрик – шеф на одделение, кој само што завршил со менталната визита. Извршител на дело. Момент во кој преовладува себичноста со чиста мисла дека сме во правилната состојба на умот. Сатира ала Дон Кихот или Мудрост? Кое од двете?

            И тука повторно се појавува фаза бр.1 – Лолита, состојба кога последиците биле нешто последно на кое би сакале да размислувате, зошто ние не ја пишуваме сами судбината, таа е веќе напишана (Како да не!). Набоков разруши и настана хаварија. И кога ќе застанете и размислите, иако сите три фази се доста значајни, Набоков е тој кој ја донесува финалната одлука, со која или остануваме во фаза бр.1 каде што мечтаме или фаза бр.3 каде (не) ги собираме плодовите после долго време.

За тие што не ме разбраа, сакав да доловам еден банален момент од нашето постоење и колку ние се познаваме себе и како се носиме со одлуките кои ги правиме секој ден. Секој е луд на свој начин, како што нему му е убаво. Луд за најбаналните работи, па се до најсложените нешта кои животот ги нуди, а ние без прашање ги прифаќаме. За зборовите кои (не)можеме да ги кажеме, за чувствата кои (не)можеме да ги изразиме и за нештата кои (не)сакаме да ги доживееме и за другите секојденевни работи како кафето и цигарата наутро. Нашите луди бариери. Дали сега ме разбравте?

Gina Sherovska