log in

Градоначалници

Адаптирани за пребарувачите google.com; yahoo.com и сл.

Општина Василево

- Носител на Сертификат за квалитет IASS
- Носител на Сертификат за општествена одговорност IASS

vasilevo1

Интервју со Градоначалникот Марјан Јанев

1. Што е приоритет во Вашата работа као градоначалник?

Одговорот на ова прашање, најверојатно на многумина ќе им звучи како клише, но мој главен приоритет е општина Василево да ја направам поубаво место за живеење, за сите нејзини граѓани без притоа да фаворизирам некое населено место или одредена категорија граѓани. Потребите на сите мои сограѓани за мене се подеднакво исти како и условите неопходи за убав, пристоен и удобен живот во секое населено место независно од неговата големина или близината до општискиот центар. Но реално, многу поедноставно е да се истакнат приоритетите отколку да се постигнат. Исполнувањето на овој приоритет не е прашање кое се решава на дневна основа или успешно се постигнува со еден или неколку реализирани проекти. Тоа е прилично амбициозен приоритет кој подразбира истовремена работа на многу полиња, решавање на низа сериозни прашања, задоволување на голем број потреби на различни категории граѓани односно секојдневна грижа за за сите аспекти од животот на заедницата. Во пракса тоа значи реализација на многу пред се инфраструктирни проекти како што се изградба на локални патишта и улици, тротоари, проекти од комуналната инфраструктура односно изградба на канализации, интервенции во уличното осветлување, потоа проекти од областа на образованието, детската и социјалната заштита, проекти од областа на културата, спортот и воопшто проекти и активности кои се однесуваат на сите сфери од секојдневниот живот, преку кои на граѓаните им нудиме живот во убава средина.

2. Кои проекти од програмата ги отпочнавте, со почетокот на Вашиот мандат?

Иако прашањето доаѓа во период кога ги одработувам последните месеци од мандатот, со задоволство можам да се навратам на времето од пред ннешто повеќе од три и пол години. Имајќи предвид дека пред да станам градоначалник бев член во општинскиот Совет, имав јасна претстава за состојбата во општината и многу реално знаев што ме очекува, што е најургентно за решавање, а што реално најизводливо. Не беше лесно да се балансира меѓу можностите на општината и потребите на граѓаните. Неопходно беше мудро менаџирање. Граѓаните бараа и очекуваа многу, општинската каса беше празна, долговите големи со тенденција на пораст со достасувањето на секоја нова фактура за наплата. Во такви услови, реализацијата дури и на најмалите проекти беше навистина многу тешка. Но како што веќе реков, со добро менаџирање работите тргнаа во вистинската насока, со реализација на она што во моментот беше најнеопходно. Конкретно, едни од првите работи со чие решавање се зафатив беа одводнувањата, односно изградбата и уредувањето на пороите и каналите за опфат на атмосферски води, поради чија нефункционалност во претходните години општина Василево и нејзините граѓани претрпеа огромни штети како во домаќинствата така и во земјоделието. Межу првите реализирани проекти беѓе и поставувањето на водоводна мреѓа кон новата индустриска зона во КО Градашорци со што стваравме услови за отварање на индустриски капацитети и стопански развој на општината. Во тој есенски период како неопходно се јави и уредувањето на дел од полските патишта во некои населени места.

3. Со кој проект планирате да ги вклучите младите во општината и дали предвидувате спортски клубови и програми за развој на млади?vasilevo2

Јас младите ги перципирам како рамноправни учесници во животот на локалната заедница и поаѓајќи токму од таквиот став, сите досега реализирани проекти и оние кои допрва ќе се работат имаат инпакт врз нивниот живот. Кога уредуваме одреден простор, тоа го правиме за сите, кога градиме спортски терени- исто така и тие се за сите категории на граѓани, со тоа што, да речеме со поставување на рефлектори за ноќно спортување, отвараме само уште една можност за оваа возрасна група. Преку нашата постојана финансиска помош на општинскиот фудбалски клуб Василево, ние сме не само нивни поддржувачи туку и нивни партнери кои подеднакво се радуваат на нивните спортските успеси и активно бараат решенија за проблемите. Од нашата финансиска поддршка не се исклучени и останатите спортски клубови, настани и манифестации па дури и поединци од нашата општина кои тренираат и се натпреваруваат во спортски клубови надвор од општина Василево. Општина Василево редовно е и главен покровител на сите спортски настани организирани на локално ниво. Но сепак она што сметам дека е од посебно значење за вклученост на младите во општинскиот живот е нивното активно учество во сите фази. Под тоа подразнирам нивна вклученост во давањето идеи, во планирањето, и воопшто во постојана комуникација за сите прашања кои посебно ги интересираат. За таа цел, деновиве како општината назначивме и службеник за млади, http://opstinavasilevo.gov.mk/?p=9292, чии задачи се токму комуникацијата со младите заради нивна поголема активна вклученост во младинските политики на општината. Резултатите од овој чин допрва ги очекуваме.

4. Дали во 2021 година очекувате некои конкретни странски или домашни инвеститори, и во кој сектор?

Во секојдневното управување и менаџирање со општината, континуирани се моите напори за искористување на сите можности независно дали се во форма на редовните Владини програми, локални, домашни или странски партнери. Во овој контекст би сакал да ја потенцирам соработката со Турската Владина агенција ТИКА, со која општина Всилево години наназад има успешна и плодна соработка во повеќе сектори, зависно од идентификуваните потреби и приоритети. Карактеристично е тоа што нвестициите се реализираат во населените места со турско население, а во општина Василево, според пописот од 2002 година околу 17% од населението е од турска националност. Очекувам ваквата соработка да продолжи и во наредниот период.

5. Со кои мерки ќе ги развивате селата, со цел да нема миграција од село во град?

Општина Василево е рурална општина со осумнаесет населени места од кои во петнаесет се одвива активен живот. Трите се одамна раселени, ридско-планински во кои животот иако одамана згаснал, во последните години видливо е враќањето на дел од староседелците или нивните потомци за време на викендите. За нас како локална самоуправа ова е позитивен фидбек на нашите напори за подобрување на патната инфраструктура и кон овие села.Добрата патна и комунална инфраструктура, дополнета со белезите на урбаниот налин на живеење, како што се паркови и уредени зелени површини, детски градинки, спортски терени и игралишта, како и индустриската зона која на граѓаните им нуди работни места релативно близу до нивните домови, е она на чие подобрување и збогатување секојдневно работиме. Токму тоа е условот, што си го поставив и како приоритет на почетокот на мојот мандат. Да ни биде општината поубаво место за живеење или едноставно секој овде да си се чувствува ДОМА како не би имал потреба да својот дом да го бара надруго место.

6. Што имате досега направено на што сте особено горд?vasilevo3

Во овие речиси три и пол години колку што сум градоначалник на општина Василево, целата моја енергија, знаење, капацитет и можности ги имам ставено во функција на развојот на општината. Сето тоа го разбирам како моја работна обврска и должност кон граѓаните кои ми ја дадоа својата доверба во овој четиригодишен период да ги застапувам, да ги претставувам нивните интереси и да ги реализирам нивните потреби. И покрај сите проблеми, објективни состојби кои бараат сестраност во нивното решавање можам да кажам дека општина Василево се движи во посакуваната насока. Не знам дали ова можам да го поврзам со чувството на гордост но со сигурност можам да кажам дека ова ме мотивира и во иднина да продолжам со истото темпо.

7. Вашата градоначалничка финкција бара многу време и откажување од приватниот живот. Колку Ви преостанува слободно време за семејството и како најчесто го поминувате слободното време?

Ова е само една од големите промени кои се случија во мојот живот со седнувањето на жешкото градоначалничко столче. Времето за семејството, за пријателите и воопшто времето за приватност како да исчезна или е толку малку што едноставно е невозможно било што однапред да се планира. Јас сум семеен човек, сопруг и татко и затоа слободните моменти кои се навистина ретки ги поминувам со семејството, сопругата и синчето и неколку најдобри пријатели, најчесто во природа, каде што ги полнам батериите за напорното секојдневие.